Betül Yürük
26 Мај 2021•Ажурирај: 26 Мај 2021
ЊУЈОРК (АА) - Обединетите нации (ОН) го повикаа Израел денес целосно да ги отвори премините „Карем Абу Салем“ и „Беит Ханун“ (Ерез) за да можат Палестинците да добијат медицински третман и хуманитарна помош, јавува Агенција Анадолија (АА).
Стефан Дужарик, портпаролот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за време на брифингот со новинарите изјави дека преминот „Ерез“ е отворен за меѓународните хуманитарни работници, но дека е затворен за Палестинците од 11 мај.
Тој додаде дека меѓу Палестинците има палестински хуманитарни работници и лица што треба да ја напуштат Газа заради медицинско лекување.
Повикувајќи на целосно отворање на сите погранични премини кон Газа, Дужарик рече дека тие треба да бидат отворени за хуманитарна помош и за Палестинците што имаат потреба од лекување.
„Ја повторуваме потребата сите премини во Газа да се отворат и да останат отворени. Ова е од суштинско значење за влез на хуманитарни материјали, вклучително и гориво за основни намени и залихи за да се спречи ширењето на вирусот на Ковид-19. Отворањето на премините, исто така, ќе обезбеди излез на пациентите на кои им е потребен животоспасувачки третман и преминување на клучниот пропратен палестински хуманитарен персонал”, рече тој.