Gözde Bayar
02 Ноември 2022•Ажурирај: 03 Ноември 2022
АНКАРА (АА) – Обединетите нации (ОН) ја поздравија денешната одлука на Русија да продолжи со спроведувањето на Договорот од Истанбул за извоз на жито од украинските пристаништа на Црното Море, официјално познат како Црноморска иницијатива за жито, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Го поздравувам враќањето на Руската Федерација во спроведувањето на иницијативата #BlackSeaGrain за олеснување на извозот на храна и ѓубрива од #Украина. Благодарен сум за помошта на Турција“, напиша на Твитер, Амир Абдула, координатор на ОН за спроведување на договорот.
Абдула додаде дека со нетрпение очекува повторно да работи со сите страни во иницијативата.
Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во јули за обновување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море. Извозот е блокиран од почетокот на војната во Украина.
Русија неодамна го суспендира договорот поради, како што рече, украинскиот напад врз нејзината Црноморска флота во пристаништето Севастопол. Претходно денеска ја продолжи имплементацијата на договорот со посредство на Анкара и ОН.