Bayram Altuğ
28 Февруари 2020•Ажурирај: 28 Февруари 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) ја повикаа меѓународната заедница да продолжи да ја дава и да ја зголеми поддршката за Турција кога станува збор за сириските бегалци, јавува Агенција Анадолија (AA).
Гласноговорникот на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), Бабар Балох, на прес-конференцијата во Канцеларијата на ОН во Женева говореше за последните случувања во Идлиб.
Балох напомена дека не треба да се заборави дека Турција е дом на 3,6 милиони Сиријци.
Истакнувајќи дека ОН ги повикале соседните земји, меѓу кои и Турција, да ги примат цивилите кои ќе доаѓаат од Сирија, Балох рече дека сега станува збор за поширок повик.
„Сега ја повикуваме меѓународната заедница да продолжи и да ја зголеми поддршката за Турција кога станува збор за сириските бегалци“, рече Балох.
На прашањето на новинарите за наводите дека Турција ги отворила границите за бегалците кои сакаат да го продолжат својот пат кон Европа, Балох одговори дека во моментот немаат никакви информации за тоа и дека не добиле никаков извештај за прилив на мигранти на граничните премини.
Јенс Лерке, портпарол на Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) за координација на хуманитарните активности (ОЦХА), истакна дека немаат информации за промена во хуманитарната помош која е упатена во Идлиб.
Лерке додаде дека во првите два месеца од 2020 година во Идлиб доставиле над две илјади камиони помош, и напомена дека од декември 2019 година над милион цивили се протерани од своите домови и дека живеат во ужасни услови.