Ekip
07 Мај 2022•Ажурирај: 09 Мај 2022
САНА (АА) - Специјалниот пратеник на ОН во Јемен, Ханс Грундберг, го поздрави потегот на коалициските сили, предводени од Саудиска Арабија, кои ги ослободија заробените припадници на бунтовничкото движење Хуси во Јемен, известува Агенција Анадолија (АА).
Десетици припадници на движењето Хуси ослободени се вчера во рамките на хуманитарната интервенција на Саудиска Арабија за поддршка на активностите за мир во Јемен.
„Го поздравувам ослободувањето на заробениците од страна на коалицијата предводена од Саудиска Арабија и претходното ослободување на затворениците од страна на Хусите, како и Владата на Јемен. Минатиот месец, страните преку мојата канцеларија договорија уште една размена на заробеници“, се вели во соопштението што го објави Грундберг.
Тој ги повика завојуваните страни да се договорат за деталите на ослободувањето, со цел јеменските семејства да можат повторно да се соединат што е можно побргу.
Грундберг наведе дека ослободувањето на заробениците претставува важен чекор кон исполнувањето на обврските преземени од Стокхолм, а кои налагаат да се пуштат сите затвореници поврзани со судирите.
Му се заблагодари и на Меѓународниот црвен крст (ICRC) за неговата улога во олеснувањето на активностите при ослободувањето на заробениците.
Грундберг во април најави двомесечен прекин на огнот во Јемен, за што рече дека е задоцнето, но е исклучително важно за ставање крај на војната во земјата.
Јемен е сцена на судири и насилства од 2014 година, кога бунтовничкото движење на Хусите ја презеде контролата врз поголемиот дел на земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Конфликтот ескалираше година дена подоцна кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници застанаа во одбрана на Владата на Јемен и почнаа да изведуваат воздушни напади врз позициите на бунтовниците.