Bekir Aydoğan
05 Април 2024•Ажурирај: 10 Април 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) објави дека Израел од 7 октомври досега оштетил или уништил приближно 62 отсто од куќите во Газа, јавува Анадолу.
Нападите во кои израелските сили фрлија десетици илјади тони бомби врз Газа од 7 октомври минатата година, при што се убиени повеќе од 33.000 Палестинци и повредени над 75.000, исто така, уништија многу цивилни населби, вклучително болници, училишта, џамии, цркви и историски културни објекти.
Израелската армија продолжува да бомбардира куќи, како и цивилни населби и инфраструктура со неселективни напади врз Газа.
УНРВА на својот профил на социјалната мрежа Х објави: „Во тековната војна околу 62 отсто од куќите во Газа се оштетени или уништени.“
Во објавата се наведува дека цел на Израел биле и зградите на ОН, каде што се засолниле раселените семејства што барале засолниште од нападите.
„Повеќе од 75 отсто од населението се раселени, повеќето од нив повеќепати. Кога ќе заврши ова?“, напиша УНРВА.
Во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври досега загинаа 33.037 Палестинци, меѓу кои најмалку 14.500 деца и 9.560 жени, а ранети се 75.668 луѓе.