Umar Farooq
14 Август 2018•Ажурирај: 15 Август 2018
ВАШИНГТОН (AA) - „И покрај тоа што е поразена, се проценува дека помеѓу 20 и 30 илјади припадници на терористичката организација ДЕАШ сè уште се наоѓаат на територијата на Сирија и Ирак“, објавено е во извештајот на Обединетите нации, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот што се занимава со терористичките организации ДЕАШ и Ал Каеда, кој е презентиран пред Советот за безбедност на ОН, се наведува дека помал број припадници на ДЕАШ побегнале во Авганистан, каде што сега се наоѓаат од 3.500 до 4.500 терористи на таа организација. Се наведува дека помеѓу три и четири илјади милитанти се наоѓаат во Либија.
Според извештајот, иако е воено поразена во 2017 година, ДЕАШ нашла начин да се прегрупира на почетокот од оваа година. Низ Сирија и Ирак, успеала да ја обнови својата структура и да воспостави „прикриена мрежа“.
Иако се чини дека заканата од ДЕАШ е елиминирана, ОН наведуваат дека сè уште постојат таканаречени „ќелии на спијачи“ во Ирак, кои можат да организираат напади на териториите што не ги држат под контрола.
Истовремено, во Сомалија, Јемен и Јужна Азија, Ал Каеда покажа отпорност во споредба со ДЕАШ. Во Јемен, се наоѓаат помеѓу шест и седум илјади борци на Ал Каеда, а има помеѓу 250 и 500 припадници на ДЕАШ.
Терористичката организација Ал Шабаб, која е поврзана со Ал Каеда, е најсилна во Сомалија каде што изврши одреден број напади во и околу главниот град Могадишу.
„Ал Каеда, исто така, е активна во африканскиот регион Сахел, на границата помеѓу Нигер и Мали, преку нивната лојална група Џемат Нусрат ал Ислам вал-Муслимин“, се наведува во извештајот на ОН.