Ecenur Çolak
14 Август 2018•Ажурирај: 14 Август 2018
РИМ (АА) - Се сруши дел од мостот Моранди на автопатот A10, кој се наоѓа во италијанскиот град Џенова. Италијанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека во несреќата животот го загубија 11 лица, од кои едно дете, додека пет лица се повредени, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на италијанската новинска агенција АНСА, дел од мостот, висок 100 метри, на автопатот А10, кој се наоѓа во северозападниот италијански град Џенова, се сруши во 11:15 часот по локално време.
Се вели дека во несреќата, голем број возила паднале од височина, и дека дел од нив останале под урнатини.
Пожарникарските служби во изјава за новинската агенција „Аднкронос", истакнаа дека голем број лица кои биле заглавени во возилата, останати под урнатини, го загубиле својот живот.
Се претпоставува дека мостот се срушил поради проблем во неговата структура, но дека поројните дождови влијаеле врз тоа.
- 11 загинати, 5 повредени
Во соопштението на Министерството за внатрешни работи на оваа земја се наведува дека во несреќата животот го загубија 11 лица, од кои едно дете, додека пет лица се повредени.
Под урнатините спасени се две лица, а во тек се операциите за пребарување и спасување.
Министерот за транспорт на Италија, Данило Тонинели, на објава на Твитер, напиша: „Со голема загриженост ги следам настаните во Џенова. Изгледаат како една страшна трагедија.“