Nazlı Yüzbaşıoğlu
14 Август 2018•Ажурирај: 15 Август 2018
АНКАРА (AA) - НАЗЛИ ЈУЗБАШИОГЛУ - Претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) и шеф на словачката дипломатија, Мирослав Лајчак, изјави дека Турција е ценета членка која има многу значителна улога во Обединетите нации (ОН), јавува Anadolu Agency (AA).
Лајчак на покана на министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, допатува во Анкара, каде што присуствуваше на 10. Амбасадорска конференција во Анкара, која се одржува од 12 до 17 август.
Тој рече дека со големо задоволство ја прифатил поканата на турскиот колега за доаѓање во Анкара и додаде дека во рамките на посетата бил примен и од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Како што истакна, го прашал Ердоган за став во врска со ситуацијата во Палестина и Сирија, теми во кои Турција зазема многу значајна улога.
Лајчак се осврна и на активностите на хуманитарен план кои Турција ги спроведува во регионот и во светот.
„Благодарен сум ѝ на Турција која има многу значајна улога на полето на хуманитарната помош. Турција е меѓу земјите кои најмногу издвојуваат за хуманитарна помош и помош за развој. ОН и меѓународната заедница тоа го забележуваат и го поздравуваат“, рече Лајчак во разговор за Anadolu Agency (AA).
Нагласи дека Турција е земја која прифати најголем број бегалци и мигранти и дека за овие цели издвоила дури 30 милијарди долари.
„Меѓународната заедница навистина ѝ е благодарна на Турција за тоа. Благодарни сме му на турскиот народ и на Владата за великодушноста. На бегалците им е обезбедена интеграција во општеството, добија работни дозволи, бесплатно образование и здравствени услуги. Во таа смисла, Турција може да биде пример за другите земји кога станува збор за оваа посебна и чувствителна тема“, истакна Лајчак и додаде:
„Турција е ценета членка на ОН и има значителна улога во ОН. Истанбул е регионален центар во кој седиште имаат бројни агенции на ОН. Турција е една од земјите предводници на ОН кога станува збор за теми како миграциите и започнување посреднички иницијативи. Турција дава голем придонес за операциите за заштита на мирот. Поради тоа сме ѝ благодарни на Турција и сакаме да продолжи силно да ги поддржува ОН“.