Bayram Altuğ
23 Февруари 2018•Ажурирај: 24 Февруари 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Специјалниот претставник на Обединетите нациии (ОН) за Сирија Стафан де Мистура повика на итен прекин на огнот во Источна Гута каде што во последните месеци интензивно траат нападите врз цивилите, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на Канцеларијата на ОН во Женева, Алесандра Велучи на прес-конференција за медиумите во Женева, ја прочита изјавата испратена од кабинетот на Мистура.
Специјалниот претставник на ОН за Сирија повика на итен состанок на земјите гарантори Турција, Русија и Иран, во врска со повторното воспоставување на подрачје „со намалена напнатност".
Мистура, исто така, повика на итен прекин на огнот и запирање на бомбардирањето во Источна Гута. Тој истакна дека по прекинот на огнот е неопходно да се обезбеди и да се овозможи итен и непречен проток на хуманитарна помош во овој дел од Сирија.
Неопходно е, истакна Мистура, да се евакуираат повредените и болните жители на Источна Гута.
Во четвртокот се одржа седница на Советот за безбедност на ОН во Њујорк за ситуацијата во Источна Гута во Сирија.
Васили Небензиа, рускиот амбасадор во ОН, во обраќањето пред присутните истакна дека, ако не се направат потребните промени, Русија нема да ја прифати нацрт-резолуција на Советот за безбедност на ОН со која се бара едномесечно примирје во Сирија.
Нагласи дека споменатиот нацрт на резолуцијата, кој го предложија Шведска и Кувајт, не е, како што рече реален, додавајќи дека не е производ на поширокиот консензус.
Нацрт-резолуцијата повикува на прекин на огнот од 30 дена во Сирија за да се овозможи испорака на хуманитарна помош и медицинска евакуација.
Над 300 лица се убиени при интензивните напади поврзани со режимот во последните три дена. Покрај тоа, во истиот период, мета на нападот беа 22 медицински центри, џамија и дом за деца.
Околу 400.000 цивили живеат во Источна Гута, која е под контрола на опозицијата.
Со договорот во Астана минатата година, Источна Гута беше прогласена за зона на деескалација на конфликтот. И покрај тоа, режимот на Асад ги интензивираше нападите во последниве месеци.
Кризата во регионот се зголемува секој ден, а илјадници болни чекаат за евакуација. Голем број деца во Источна Гута починаа поради неможноста да пристапат до доволни количини на храна и лекови.