Servet Günerigök
11 Мај 2021•Ажурирај: 12 Мај 2021
ЊУЈОРК
Обединетите нации (ОН) се противат на која било акција што на новинарите им оневозможува да ја работат својата работа, изјави денес портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дујарич, откако четворица новинари на АА беа повредени додека известувале за насилството во окупираниот Источен Ал-Кудс (Источен Ерусалим), известува Агенција Анадолија (АА).
„Се противиме на сè што би им оневозможило на новинарите да ја работат својата работа во кои било околности. Тоа беше нашиот став“, изјави Дујарич одговарајќи на прашањата на новинарите на АА да го прокоментира насилството на израелските сили врз цивилите и новинарите.
Уредникот на АА за Блискиот Исток, Тургут Алп Бојраз, е погоден во нога со два пластични куршуми за време на нападите на израелската полиција во комплексот „Ал-Акса“.
Бојраз е четврти репортер на АА што е ранет од почетокот на нападите на израелската полиција во „Ал-Акса“, а претходно се нападнати и со повреди се здобија репортерот Есат Фират, фоторепортерот Фајез Абу Румалиа и фоторепортерот Мустафа Кароуф.
Палестинците во Ал-Кудс веќе неколку дена протестираат поради израелските рации и судските одлуки за протерување на палестинските семејства од квартот Шеик Џарах. Ситуацијата ескалираше откако израелските сили во петокот со напад се обидоа да ги разбркаат верниците од комплексот на „Ал-Акса“.