Seyit Şamil Kurt
08 Ноември 2025•Ажурирај: 12 Ноември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - ОпенАИ се соочува со седум тужби во државните судови во американската сојузна држава Калифорнија, во кои се тврди дека неговиот чет-бот со вештачка интелигенција, ЧетЏи-пи-ти, придонел за самоубиства и случаи на тешка психолошка вознемиреност, според американската радиодифузна агенција Еј-би-си, пренесува Анадолу.
Тужбите, поднесени во четвртокот во име на шест возрасни лица и еден тинејџер од страна на Правниот центар за жртви на социјалните медиуми и Проектот за технолошка правда, го обвинуваат ОпенАИ за смрт предизвикана од небрежност, потпомогнато самоубиство, убиство без умисла и невнимание.
Тужителите тврдат дека компанијата го пуштила во функција својот модел Џи-пи-ти-4o и покрај интерните предупредувања дека е „психолошки манипулативен“ и „опасно додворителен“.
Во поднесоците се вели дека четири од жртвите починале од самоубиство, вклучувајќи ја и 17-годишната Амаури Лејси. Во тужбата се тврди дека ЧетЏи-пи-ти предизвикал „зависност и депресија“ и на крајот дал детални упатства за методите за самоубиство.
„Смртта на Амаури не била ниту несреќа ниту случајност“, се вели во тужбата. „Туку, предвидливата последица од намерната одлука на ОпенАИ и Самуел Алтман да го ограничат тестирањето за безбедност и брзо да го пуптат ЧетЏи-пи-ти на пазарот“,
ОпенАИ ги опиша случаите како „срцепарателни“ и рече дека компанијата ги разгледува тужбите за подобро да ги разбере тврдењата.
Друг случај го вклучува 48-годишниот Алан Брукс од Онтарио, Канада, кај кој наводно е прдизвикана заблуда откако ЧетЏи-пи-ти „манипулирал со неговите емоции и ги искористил неговите слаби страни“. Неговите адвокати тврдат дека Брукс, кој немал претходна историја на ментално здравје, претрпел „разорна финансиска, репутациска и емоционална штета“ како резултат на тоа.
„Овие тужби се однесуваат на одговорност за производ кој е дизајниран да ја замагли линијата помеѓу алатката и придружникот, сè во име на зголемување на бројот на корисници и уделот на пазарот“, рече Метју Бергман, основачкиот адвокат на правниот центар. Тој го обвини ОпенАИ дека дава приоритет на доминацијата на пазарот пред безбедноста на корисниците со објавувањето на Џи-пи-ти-4o „без соодветни заштитни мерки“.
Правниците рекоа дека случаите истакнуваат поширока загриженост за психолошките ризици од конверзациската вештачка интелигенција. „Овие трагични случаи покажуваат вистински луѓе чии животи биле превртени наопаку или изгубени поради користењето технологија дизајнирана да ги држи ангажирани, наместо да ги заштити“, рече Даниел Вајс, главен директор во „Комон сенс медиа“.