Ekipa
18 Март 2018•Ажурирај: 19 Март 2018
АФРИН/АЗАЗ (АА) - Турските вооружени сили (ТСК) и Слободната сириска војска (ССВ) денеска ослободија уште 29 села од терористите на ЈПГ/ПКК-ДЕАШ во северозападниот дел на Сирија, со што воспоставија контрола над целата територија источно, западно и северно од центарот на градот Африн, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на операцијата „Маслинова гранка“, Турската војска и силите на сириската опозиција утрово го ослободија центарот на градот Африн и соседното гратче Мабатли.
Репортерот на АА од теренот јавува дека Турските вооружени сили (ТСК) и Слободната сириска војска во попладневните часови ја интензивирале операцијата и ослободиле 29 села во планинскиот регион, кој беше под окупација на терористите, на тромеѓето помеѓу градовите Раџу, Булбул и Шеран.

Подрачјето на Африн во северозападна Сирија го сочинува истоимениот град и уште шест други помали градови. Сите центри на градовите се ослободени од терористите.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со Турското право, засновано на Меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот: 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во јули 2012 година, без борба, на терористите од ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и во Европската Унија (ЕУ). ПКК, уште од средината на 1980-тите години, води терористичка кампања против Турција.