Sena Güler
10 Јуни 2018•Ажурирај: 11 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Организациите на муслиманите Рохинџа (араканските муслимани) низ светот, денес упатија критики за новиот Договор, потпишан помеѓу Мјанмар и ОН за враќање на бегалците Рохинџа, велејќи дека тоа не ги допира основните причинители на кризата, пренесува Аnadolu Agency (AA).
„Ние сме длабоко загрижени дека Меморандумот за разбирање не се однесува на основните причинители на кризата, особено прашањето за државјанството на муслиманите Рохинџа и нивниот етнички идентитет“, се вели во заедничкото соопштение потпишано од 23 организации на овие муслимани, вклучувајќи го и Европскиот совет за муслиманите Рохинџа (ERC) и Националната организација „Аракан - Рохинџа“ (ARNO).
На 6 јуни Владата на Мјанмар го потпиша Договорот со Програмата за развој на ОН (UNDP) и Агенцијата за бегалци на ОН (UNHCR), овозможувајќи им на овие муслимани да се вклучат во процесот на репатријација.
Во соопштението, исто така се изразува загриженост поради тоа што не е вклучен претставник на бегалците при потпишувањето на Договорот, иако муслиманите Рохинџа имаат право да знаат за Договорот за нивната репатријација.
„Текстот на Меморандумот за разбирање не е објавен во јавноста, оставајќи ја меѓународната заедница во темнина, а тоа го доведува во прашање“, се додава.
„Сите претходни досиеја покажаа дека агенциите на ОН, вклучително и УНХЦР како агент на интересот на меѓународната заедница, не можеа да обезбедат соодветна заштита на повратниците Рохинџа поради тврдоглавоста на мјанмарската Влада“, се вели во соопштението.
- Прашање на живот и смрт -
„Репатријацијата е прашање на живот и смрт за сите Рохинџи“, се вели во соопштението.
Се додава дека муслиманите Рохинџи не сакаат да се вратат во Мјанмар бидејќи властите, кои се вклучени во геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото, не ги промениле своите ставови кон нив.
„Тие не можат да ѝ веруваат на Владата и на Војската на Мјанмар, која убиваше, силуваше, изгладнуваше, и уништи стотици нивни села, одземајќи им ја земјата.“
Преку соопштението, исто така, се апелира за меѓународна заштита од државни и регионални актери и од силите на ОН за одржување на мирот.
„Мора да има одговорност, а сторителите на кривични дела мора да бидат изведени пред лицето на правдата и пред Меѓународниот кривичен суд“, се заклучува во соопштението.
Од 25 август 2017 година, над 750.000 бегалци, претежно деца и жени, го напуштија Мјанмар и преминаа во Бангладеш, откако силите на Мјанмар започнаа жестоки мерки врз малцинската муслиманска заедница.
Најмалку 9.400 Рохинџи се убиени во мјанмарската држава Аракан од 25 август до 24 септември минатата година, според организацијата „Лекари без граници“.
Во извештајот објавен неодамна, хуманитарната група соопшти дека 71,7 отсто од смртните случаи (6.700 аракански муслимани) биле предизвикани со насилство, од кои 730 деца на возраст под 5 години.