Recep Şakar
19 Јуни 2020•Ажурирај: 19 Јуни 2020
МЕЛБУРН
Во градот Оукленд во Нов Зеланд, за време на рутинска сообраќајна контрола нападнати се двајца полицајци, од кои едниот го загубил животот, а другиот е ранет, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави радио „Нов Зеланд“, во утринските часови во градот Оукленд при рутинска сообраќајна контрола извршен е оружен напад врз двајца полицајци.
Во нападот животот го загубил еден од полицајците, а другиот е потешко ранет.
Ендрју Костер, комесар на полицијата на Нов Зеланд, одржа прес-конференција на која истакна дека нападот настанал во ситуација која е малку поразлична од вообичаената и во неочекуван момент, кога полицијата била невооружена.
Костер информира дека напаѓачот користел пушка и додаде: „Целата полиција е во шок. Ова е најлошата вест за полицајците и нивните семејства.“
По инцидентот полициските екипи се на теренот каде што се води истрага.
Полицијата не го обелодени идентитетот на напаѓачот и причината за нападот, додавајќи дека во текот на денот ќе излезе со детали за инцидентот.