Ekipa
25 Мај 2016•Ажурирај: 26 Мај 2016
КИЕВ (АА) - Украинската пилотка, Надежда Савченко, денес е пуштена од затвор во Русија и се наоѓа во авион на пат кон Украина, соопшти претставник на украинското Претседателство, пренесува Anadolu Agency (AA).
Руските власти ја ослободија Савченко во замена за двајца руски државјани кои се наоѓале во затворот во Украина.
Руската државна телевизија, повикувајќи се на неименувани извори, јави дека двајцата Руси се ослободени и дека се на пат кон Москва.
Јевгениј Јерофејев и Александар Александров, во април судот во Киев ги осуди на 14 години затвор поради терористички активности.
Украинскиот претседател, Петро Порошенко, претходно изрази подготвеност за размена на двајцата Руси заробени во Украина за Надежда Савченко, која во март оваа година судот во Русија ја осуди на 22 години затвор, врз основа на обвинението дека е виновна за смртта на двајца руски новинари во источна Украина.