Ekip
30 Мај 2022•Ажурирај: 31 Мај 2022
БРИСЕЛ (АА) - Лидерите на ЕУ се обидуваат да постигнат политички договор за воведување делумно ембарго за увоз на руска нафта денес, вели претставникот на ЕУ пред почетокот на самитот на лидерите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи под услов да остане анонимен, претставникот на ЕУ рече дека европските лидери на држави и влади имаат за цел да постигнат договор за шестиот пакет санкции на Блокот против Русија на нивниот специјален самит.
Изворот имплицира напредок по речиси еден месец застој во преговорите меѓу земјите членки на ЕУ кои се поделени околу темата за ембарго на нафта.
Амбасадорите на ЕУ не можеа да постигнат договор за пакетот санкции за време на викендот и повторно се состанаа денес наутро како последен обид да се најде договор пред почетокот на самитот на ЕУ.
Во текот на изминатите недели, земјите кои се многу зависни од руската енергија, меѓу кои се Словачка, Чешка и Бугарија, изразија загриженост поради предлогот, но Унгарија беше најгласна и решителна во одбивањето на ембаргото за нафта.
Се чини дека новата верзија на пакетот санкции ќе ѝ даде важна отстапка на Унгарија бидејќи ќе го ослободи увозот на нафта од нафтоводот од рестриктивните мерки, во согласност со најновите барања на земјата.
Според претставникот на ЕУ, ембаргото на нафта ќе „опфати повеќе од две третини на увоз на нафта од Русија, како што е поморската нафта“ и ќе даде „некои привремени исклучоци“ на одредени земји „за да обезбеди сигурност на снабдувањето“.
„Пакетот санкции исто така ќе стави ембарго на новите руски банки, вклучително и на најголемата банка „Сбербанк“ во земјата од меѓународниот систем за трансфер на пари СВИФТ, ќе забрани емитување на три нови руски државни медиуми во ЕУ и ќе воведе забрана за патување и замрзнување на имот на луѓето кои извршиле воени злосторства во Украина“, потврди официјалниот претставник.
Лидерите на ЕУ одржуваат дводневен специјален самит во Брисел со поддршка на Блокот за Украина, а како главни точки на дневниот ред се европските одбранбени реформи, енергијата и безбедноста на храната.
ЕУ одвои 2 милијарди евра воена помош за Украина и мобилизираше повеќе од 4 милијарди евра макрофинансиска помош, хуманитарна помош и поддршка за земјите на ЕУ кои ги примиле бегалците од Украина од почетокот на војната на 24 февруари.
Исто така усвои пет пакети санкции против Русија, насочени кон поединци, меѓу кои и рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, како и забрана за извоз на луксузни стоки и увоз на јаглен и исклучување на руските и белоруските банки од користење на системот СВИФТ.