Selen Temizer
27 Август 2021•Ажурирај: 29 Август 2021
БРИСЕЛ
Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешни односи и безбедносна политика, Жозеп Борел, го осуди нападот на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул, главниот град на Авганистан, известува Агенција Анадолија (АА).
Борел на својот профил на социјалната мрежа Твитер објави: „Најостро ги осудуваме кукавичките напади врз луѓе кои копнеат по безбедност на аеродромот во Кабул. ЕУ се солидаризира со Авганистанците. Ќе продолжиме да се бориме против тероризмот заедно со меѓународните партнери.“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, осудувајќи го нападот, истакна: „Меѓународната заедница мора да работи заедно и сплотено за да спречи повторно појавување на тероризмот во Авганистан и пошироко.“
- Експлозии на аеродромот во Кабул
Извршени се терористичките напади во подрачјето близу Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул, каде што продолжуваат активностите за евакуација.
Според вестите што ги објави „Би-би-си“ (BBC), во терористичките напади животот го загубиле 90 лица, додека повредени се најмалку 150.
Забихула Муџахид, портпаролот на талибанците, пак, на својот твитер-профил сподели дека тие најостро го осудуваат нападот, додавајќи дека инцидентот се случил „во област каде што безбедноста ја спроведуваат американските сили“.
„Асошиејтед прес“ (АP) објави дека американски официјални извори, кои сакале да останат анонимни, уверени се дека бомбашкиот напад дефинитивно е извршен од страна на ДЕАШ, додавајќи дека во нападот загинале 12 американски војници.