Ekipa
18 Септември 2021•Ажурирај: 20 Септември 2021
КАРАЧИ (АА) - Пакистанските власти денес соопштија дека започнале дијалог со талибанците за инклузивна Влада во Авганистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Пакистанскиот премиер Имран Кан го соопшти тоа откако вчера на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка се сретна со лидерите на Кина, Русија, Иран и на Таџикистан.
„По состаноците во Душанбе со лидерите на соседите на Авганистан, а особено по долготрајниот разговор со таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон, започнав дијалог со талибанците за инклузивна авганистанска влада која би ги вклучила и Таџиците, Хазарите и Узбеците“, напиша Кан во низа пораки на Твитер.
Кан наведе дека инклузивната влада во Авганистан ќе го донесе со децении очекуваниот мир кој е важен за Авганистан и за целиот регион.
Талибанците им дадоа некои важни функции на непаштуните во нивната привремена влада, објавена на почетокот на овој месец. На функцијата началник на Војската назначен е Таџикот Кари Фасихудин.
Без оглед на тоа, привремената влада не е призната како инклузивна од меѓународната заедница, која бара поголема застапеност на малцинските заедници и на жените.