Emre Karaca
29 Август 2019•Ажурирај: 01 Септември 2019
ИСЛАМАБАД (АА) - Пакистан соопшти дека уште повеќе ќе ги развие односите со Турција во областа на воздухопловството, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерот за федерално воздухопловство на Пакистан, Гулам Сарвар Кан, оствари средба со амбасадорот на Турција во Исламабад, Ихсан Мустафа Јурдакул.
Кан по оваа средба објави соопштение на Твитер, во коешто нагласи дека Пакистан и Турција заемно ќе ги развиваат односите во областа на авијацијата.
Пакистанскиот министер истакна дека двете братски земји се согласиле уште повеќе да ги развијат и билатералните односи во оваа област.
Од друга страна, во соопштението на ова пакистанско Министерство, објавено по средбата, се наведува дека турскиот амбасадор Јурдакул укажал на решителноста на неговата земја за развивање на односите со Пакистан.
Пакистан и Турција за прв пат потпишаа договор на полето на воздухопловството во 1972 година.
Во рамките на овој договор, „Пакистан интернешнал ерлајнс“ и „Ер блу“ спроведуваат летови во Турција, додека „Туркиш ерлајнс и „Пегасус ерлајнс“ спроведуваат летови во Пакистан.