Michael Hernandez
29 Август 2019•Ажурирај: 30 Август 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, вчера го најави отворањето привремена дипломатска канцеларија за Венецуела во Колумбија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Канцеларијата е лоцирана е во Американската амбасада во Богота и ќе ја продолжи мисијата на Соединетите Американски Држави (САД) кон легитимната венецуелска власт и венецуелскиот народ“, соопшти Помпео.
Одделот за венецуелски прашања ќе продолжи да работи на обновување на демократијата и уставниот поредок во земјата, како и на безбедноста и благосостојбата на венецуелскиот народ, додаде високиот дипломат.
Канцеларијата ќе биде во контакт и со претставници поврзани со венецуелскиот опозициски лидер, Хуан Гваидо, кој на 23 јануари се прогласи себеси за привремен претседател.
Венецуела беше зафатена од политички немири од 10 јануари, кога Мадуро положи заклетва за втор мандат како претседател. Тензиите ескалираа на 23 јануари, кога опозицискиот лидер Хуан Гваидо се самопрогласи за привремен претседател.
Американскиот државен секретар истакна дека дипломатската мисија ќе ја води заменик-амбасадорот Џејмс Стори.
Администрацијата на Трамп се фокусираше на економските и дипломатските мерки против Мадуро, вклучително и на воведување санкции врз него, неговите високи официјални претставници и неколку владини оддели, обидувајќи се да го засили притисокот врз него да се повлече.
По воведувањето санкции врз државната нафтена компанија PDVSA во Венецуела во јануари, американскиот претседател, Доналд Трамп, претходно овој месец издаде извршна наредба за замрзнување на сите средства во САД кои припаѓаат на Владата на Венецуела, со што значително ескалираа тензиите со Каракас.
Со наредбата Трамп ги забрани сите трансакции со венецуелските официјални претставници, но ја иззема хуманитарната помош за Венецуела, вклучувајќи трансакции поврзани со обезбедување храна, облека и лекови.
Мадуро ги обвини САД за организирање пуч против неговата Влада, велејќи дека е отворен за дијалог со опозицијата.
„Речиси 5.000 луѓе ја напуштаат Венецуела секој ден заради нестабилност и неизвесност во пресрет на кризата во врска со претседателството и економијата, а од 2015 година земјата ја напуштиле 3 милиони Венецуелци“, пренесува Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (ОН).
Русија, Кина, Иран и Турција застанаа во поддршка на Мадуро.
Шпанија, Велика Британија, Франција, Шведска, Германија, Јапонија и Данска им се придружија на САД и Канада во признавањето на Гваидо како привремен лидер на земјата.