Ekipa
05 Март 2023•Ажурирај: 05 Март 2023
КАРАЧИ (АА) - Пакистанската полиција влезе во резиденцијата на поранешниот премиер Имран Кан за да го уапси за случајот поврзан со незаконската набавка и продажба на подароци што му ги давале странски официјални претставници додека бил на функцијата, јавува Анадолу.
Судот во Исламабад во вторникот издаде налог за апсење на Кан во врска со нелегално купување и продавање подароци.
Тимот на полицијата во Исламабад, со налог за апсење, денес пристигна во градот Лахоре, на североистокот на земјата, за да го приведе Кан, потврдија официјални извори за Анадолу.
На видеоснимката што ја емитуваше „Гео њуз“, се гледаат полицајци како стојат пред главниот влез на резиденцијата на Кан, „Заман Парк“, додека обезбедувањето и поддржувачите ги спречуваат да влезат во резиденцијата.
Кан, единствениот премиер во земјата кому му е изгласана недоверба во 75-годишната политичка историја на Пакистан, се соочува со низа други обвиненија, од тероризам до обид за убиство и перење пари.
Повеќето случаи, кои Кан ги нарекува „лажни“, се поднесени откако беше соборен од власт во април минатата година.