Behlül Çetinkaya
19 Февруари 2019•Ажурирај: 19 Февруари 2019
ИСЛАМАБАД (АА) - Министерот за надворешни работи на Пакистан, Шах Махмут Куреши, соопшти дека испратил писмо до генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, од кого побарал да интервенира во намалувањето на тензиите со Индија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Куреши за телевизискиот канал „ARY News“ истакна дека во писмото ја изразил својата загриженост од антипакистанската реторика која Индија ја создала преку минатонеделниот напад во Кашмир.
Куреши нагласи дека го предупредил Гутереш во врска со негативното влијание на тензиите кои ги зголеми Индија.
Тој информираше дека испратил писмо до Гутереш од кого побарал да ги намали тензиите меѓу Индија и Пакистан настанати по нападот во Кашмир, и дека Пакистан ќе ја изврши потребната истрага доколку Индија на Пакистан му достави валидни документи дека зад нападот стојат групи поддржани од Пакистан.
Тензиите меѓу Пакистан и Индија повторно се зголемија по нападот извршен на 14 февруари во Кашмир.
Во нападот во Кашмир кој е под контрола на Индија, загинаа 44 индиски војници, а Индија тврдеше дека напаѓачите се поддржани од страна на Пакистан.
Пакистан ги негираше овие тврдења и објави соопштение преку кое го осуди овој напад.