Göksel Yıldırım
16 Октомври 2018•Ажурирај: 17 Октомври 2018
КАРАЧИ (АА) - На пакистанската морнарица испорачан ѝ е голем воен брод, танкерот „Флота“ (PNFT), а станува збор за проект кој е еден од највредните извозни ставки од турската одбранбена индустрија, јавува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата на примопредавање во базата на пакистанската морнарица во Карачи, присуствуваа пакистанскиот претседател Ариф Алви, директорот на Одбранбената индустрија на Турција, Исмаил Демир, турскиот заменик-министер за одбрана, Мухсин Дере, претседателот на Управниот одбор на турската компанија STM, Ихсан Каја, директорот на компанијата, Мурат Икинџи и шефот на претставништвото во Пакистан, Халил Баш.
Претседателот на Пакистан, Алви, истакна дека танкерот „Флота“ е најголемиот воен брод некогаш изграден во Пакистан и дека овој проект додатно ги зајакнува соработката и пријателството помеѓу Пакистан и Турција.
Пакистанската и турската компанија договорот за изградба на бродот во бродоградилиштето на морнарицата во Карачи го потпишаа во 2013 година, а свеченото пуштање в море се одржа пред две години.
Главен изведувач на проектот беше турската компанија STM, која сите подготвителни и дизајнерски работи ги заврши во Турција. Оваа компанија ја обезбеди и обуката на пакистанските морнари, како и сета потребна техничка и логистичка поддршка.
Турската одбранбена индустрија, особено бродоградбата, во изминатите неколку години прави крупни чекори напред, за што сведочи и новиот брод во инвентарот на пакистанската морнарица.
Бродот ќе ги снабдува со гориво, вода и муниција борбените и помошните единици на пакистанската морнарица. Исто така, опремен е и со најсовремените медицински единици за пружање поддршка на морнарицата во текот на воени дејствија или спасувачки мисии за време на природни катастрофи и поморски несреќи.
Долг 158 метри, широк 22 метри, танкерот има хелиодроми опремени за дневно и ноќно користење.
По успешната соработка на изградбата на танкерот, турската компанија STM стана и главен изведувач во проектот за модернизација на подморницата „Agosta 90B“ за потребите на пакистанската морнарица. Тој проект би требало да биде завршен за две до три години.