Ahmed Asmar
12 Декември 2024•Ажурирај: 12 Декември 2024
АНКАРА (АА) - Палестина ја поздрави одлуката на Ирска за приклучување кон тужбата за геноцид поднесена од Јужноафриканската Република против Израел пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), барајќи да се приклучат повеќе земји, јавува Анадолу.
Во соопштението доцна синоќа палестинското Министерство за надворешни работи истакна дека одлуката ја потврдува „цврстата посветеност на Ирска на правдата и меѓународното владеење на правото и ја нагласува длабоко вкоренетата солидарност и историското пријателство“ меѓу двете држави.
Министерството ги повика земјите потписнички на Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид „активно да се вклучат во постапката“ за тужбата на Јужноафриканската Република пред МСП.
„Ставањето крај на тековниот геноцид врз палестинскиот народ и борбата против неказнивоста на Израел се одговорности што мора да ги преземеме заедно во интерес на човештвото и законот“, се додава во соопштението.
Вчера ирскиот министер за надворешни работи Мајкл Мартин објави дека неговата земја формално ќе се приклучи кон тужбата за геноцид против Израел, осудувајќи го „колективното казнување на палестинскиот народ преку воените дејства на Израел во Газа“.
Во октомври минатата година, по прекуграничниот упад на Хамас, Израел започна геноцидна војна во Појасот Газа во која досега загинаа над 44.800 Палестинци, главно жени и деца, а сега се соочува со тужба за геноцид во МСП.
Минатиот месец Меѓународниот кривичен суд издаде и налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Над десетина земји досега се приклучија во случајот пред МСП против Израел, меѓу кои и Туркије, Шпанија и Мексико.