Ali Semerci
01 Април 2022•Ажурирај: 02 Април 2022
ГАЗА (АА)
- Мухамед ЕБУ ДУН
Палестинецот Сабир ал Ашкар, кој беше повреден во израелските напади врз Газа во 2008 година и ги загуби двете нозе, продолжува да учествува во национални активности и настани.
Всушност, јавноста со Ашкар се запозна преку демонстрациите на Големиот марш на враќање, кои се одржуваа на источните граници на Појасот Газа и траеја од март 2018 година до крајот на 2019 година.
Фотографиите на Ашкар, кој во демонстрациите против израелската блокада учествуваше во инвалидска количка, тие денови беа широко споделени на социјалните мрежи.
Во изјава за дописникот на Агенција Анадолија (АА), Ашкар истакна дека двете нозе ги загубил за време на израелската војна против Газа во 2008 година и оттогаш е во инвалидска количка.
„Покрај мојот инвалидитет и ограничената подвижност, должност ми е да учествувам на сите национални настани и активности за да го истакнам палестинскиот талент и одлучноста да се прават чуда и да се жртвува“, рече 38-годишниот Ашкар.
Наведувајќи дека е оженет и има четири деца, Ашкар рече дека на различни начини се обидува да всади патриотизам кај своите деца и секогаш ги потсетува на важноста на окупацијата и на отпорот.
- Учествувал во демонстрациите во инвалидска количка
Ашкар рече дека штом ја слушнал идејата за Големиот марш на враќање што започна во источна Газа во март 2018 година, се возбудил и решил да се приклучи на демонстрациите, и покрај тоа што тие се одвивале далеку од местото на живеење.
Изјавувајќи дека доживеал многу различни настани за време на демонстрациите, Ашкар додаде:
„Најзабележителен од овие инциденти беше кога останав меѓу солзавци и куршуми испукани од страна на израелските сили во близина на граничната ограда и кога демонстрантите беа принудени да избегаат. Во тој момент почувствував дека сум сам и дека ќе умрам, но Божјата волја ме спаси. Некои млади луѓе дојдоа до мене и успеаја во тој момент да ме однесат на побезбедно место.“
Ашкар истакна дека сите демонстранти околу него гледале додека тој инсистира да напредува кон оградата на границата.
Меѓу другото, тој нагласи дека за време на демонстрациите на кои присуствувал, се здобил со различни повреди на лицето и раката и дека сѐ уште чувствува болки од тие рани.
- Фотографии од отпорот против окупацијата
Нагласувајќи дека фотографиите направени на демонстрациите се важна порака, Ашкар додаде:
„Фотографиите направени низ објективите на новинските агенции и медиумите беа пресвртница во мојот живот. Неколку дена по фотографирањето, видов дека се широко распространети и номинирани за меѓународни награди. Овие фотографии ја изразуваа упорноста и отпорот против окупаторските израелски сили.“
Наведувајќи дека и покрај тоа што поминале многу години, корисниците на социјалните мрежи и од Палестина и надвор од Палестина одвреме-навреме сѐ уште ги споделуваат неговите фотографии, Ашкар рече дека понекогаш се покажуваат за време на национални настани и тоа го прави горд.
Тој, исто така, додаде дека особено со моралната поддршка што ја добива, зголемена е неговата моќ да се спротивстави на окупацијата.
- „Сакам да пешачам со моите деца како нормален татко“
Ашкар рече дека сака да има протетски нозе кои ќе му помогнат да го продолжи секојдневниот живот.
„Посакувам да можам да пешачам со моите деца како нормален татко, без инвалидска количка или други помошни средства“, рече Ашкар, повикувајќи на помош од јавните институции и невладините организации.