Zehra Ulucak
10 Октомври 2018•Ажурирај: 10 Октомври 2018
РАМАЛА (АА) - Палестинските активисти предупредуваат на лошото однесување кон десетици палестински жени, кои, одвоени од децата, лежат во израелските затвори, јавува Anadolu Agency (AA).
Здружението за човекови права и поддршка на затворениците „Адамер“ објави извештај во кој се наведува дека во израелските затвори се наоѓаат 51 Палестинка.
Податоците на „Адамер“ покажуваат дека израелските сили од 2015 година привеле 516 лица, а од почетокот на оваа година се уапсени 90.
Официјалните податоци од палестинска страна покажуваат дека во израелските затвори се наоѓаат околу 6.500 Палестинци.
Палестинската новинарка Ламу Катер во јули во Хеброн принудно ја однеле израелските сили.
Нејзиниот сопруг Хазем Факори изјави дека израелските војници ја однеле неговата сопруга пред очите на децата.
Тој додаде дека многу му недостига сопругата, мајка на пет деца и палестинска активистка која пишуваше за палестинските медиуми.
Израелските војници ги обвини за лошо однесување кон неговата сопруга.
Тој појасни и дека неговата сопруга повеќепати побарала лекарска помош, но дека лекарите само ѝ препишале лекови против болки и ја вратиле на испрашување.
„Нејзиното место е до децата на кои многу им недостига и на кои им е потребна“, додаде Факори.
Тој истакна дека Катер по 34 дена испитување е испратена во затвор каде што чека рочиште закажано за денес.
Уште една приказна за Палестинките во израелските затвори е и онаа за Исра Џеабис, која е осудена на 11 години затвор поради случајот од 2015 година кога израелски војник е ранет во експлозија со плинска боца во нејзиното возило. Во експлозијата е тешко повредена и Џеабис.
Шефот на Истражувачкиот центар за палестински затвореници, Рафат Хамдонех, изјави дека Џеабис итно мора да ги оперира рацете, лицето, ушите и забите.
Тој потсети дека останала без прсти и дека е принудена да дише на уста, а укажа и на психолошките проблеми со кои таа се соочува.
Директорката на „Адамер“, Сахар Францис, соопшти дека израелските војници, од моментот кога ги апсат Палестинките, се однесуваат лошо кон нив.
„Мачењето и лошото однесување кое започнува од првиот момент на приведувањето, трае и за време на испитувањето“, предупреди Францис.
Таа за приведувањето рече дека тоа е дел во кој се применува најмногу насилство.
Предупреди дека затворениците не се само заврзани и претепани, туку и подложени на други облици на физичко и психичко мачење.
Палестинката Исра Џеабис, чии 60 отсто од телото изгореле во експлозија на плинска боца во возилото пред две години во Источен Ерусалим (Кудс), израелските судски органи ја осудија на 11 години затвор поради обвиненија дека се обидела да изврши напад врз воен пункт.
Во експлозијата на 11 јуни 2015 година во близина на пунктот Заим, полесно е повреден израелски војник. Меѓутоа, Џеабис е обвинета за обид за напад врз воениот пункт.