Hamdi Yıldız
22 Мај 2020•Ажурирај: 23 Мај 2020
РАМАЛА
Палестинските безбедносни сили се повлекоа од подрачјето на Северен и Источен Ерусалим, јавува Агенција Анадолија (АА).
Станува збор за подрачје на Западниот Брег кое е под израелска окупација и кое со Договорот од Осло се класифицира во таканаречената Зона Б.
Очевидците јавуваат дека палестинските сили се повлекле од населбите Бејт Икса, Каранна, Биду, Ебу Диса и Ијзарие.
Палестинските институции сѐ уште не го коментираа настанот.
Паралелно со тоа, палестинскиот премиер Мохамад Штаех нареди имплементација на одлуката на палестинскиот претседател Махмуд Абас за прекин на односите со Израел и САД.
Штаех на синоќешната вонредна седница на Владата нареди сите палестински министерства да преземат конкретни мерки во реализација на одлуката.
Палестинските и израелски делегации во 1995 година потпишаа т.н. Втор договор од Осло, според кој окупираниот Западен Брег е поделен во три зони.
Зоната А се простира на 18 отсто од територијата на Западниот Брег и административната и безбедносната власт ја имаат Палестинците. Зоната Б содржи 21 отсто од Западниот Брег и во неа се поделени административните и безбедносните ингеренции. Третата и најголема Зона Ц покрива 61 отсто од Западниот Брег и во потполност е под контрола на Израел.