Alma Dekovic
11 Декември 2023•Ажурирај: 12 Декември 2023
ГАЗА (АА)
Пациентите и раселените Палестинци кои се засолниле во болницата Ал-Шифа во северниот дел на Појасот Газа живеат во тешки услови додека продолжуваат воздушните, морските и копнените напади на израелската армија врз блокираната палестинска енклава, пренесува Анадолу.
Сите болници во северниот дел на Појасот Газа моментно се „надвор од функција“ и покрај напорите за повторно отворање на која било од установите на подрачјето уништено од израелските напади.
Портпаролот на Министерството за здравство со седиште во Газа, Ашраф ал-Кудра, минатата недела изјави дека медицинските тимови се соочуваат со тешкотии во болницата Ал-Шифа, најголем медицински комплекс во Појасот Газа.
Болницата Ал-Шифа во ноември беше цел на израелските сили, кои извршија рација по неколкудневните тешки напади во подрачјето околу комплексот во градот Газа, во кои беа убиени многу цивили.
- Израелски напади на Појасот Газа
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември, во 07:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1 декември (петок), по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени приближно 18.000 Палестинци, а ранети се над 49.229 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.