ГАЗА (АА) - КЕЈС ЕБУ СЕМРА/НУР ЕБУ ИЈСЕ -
Палестинците оваа година одбележуваат 33 години од почетокот на Првата интифада, бунт против израелската окупација започнат на 9 декември 1987 година, што се смета за една од најважните фази на палестинската борба, јавува Агенција Анадолија (АА).
Првата интифада избувна во Појасот Газа во 1987 година, а потоа се прошири на целата палестинска територија и траеше до 1994 година.
Интифадата успеа да обезбеди признавање на палестинскиот народ од страна на Израел и западните земји, особено од Соединетите Американски Држави (САД), и да воспостави автономна управа под називот Палестинска национална управа на Западниот Брег и Појасот Газа.
Основањето на Националната управа беше еден од резултатите на Мировниот договор од Осло, потпишан меѓу палестинските политички претставници и Израел во 1993 година, со кој се предвидуваше крај на мировниот процес во 1999 година со воспоставување независна палестинска држава на окупираната територија во 1967 година. Израел одби да постапи по овој договор.
Одбивањето на Израел да се откаже од окупацијата на палестинската територија, како и одбивањето да се формира независна палестинска држава, доведе до започнување на Втората интифада кон крајот на 2000 година, која траеше до 2005 година.
- Војна со камења -
Првата интифада изби на 8 декември 1987 година, кога израелски возач на камион усмрти палестински работници на контролниот пункт „Ерез“ во Беит Ханун, во северниот дел на Појасот Газа. Еден ден подоцна, на 9 декември 1987 година, избија „крвави“ судири меѓу Палестинците и израелската Војска, кои се проширија на различни делови од Појасот Газа и Западниот Брег.
Според историчарите, израелското кршење на палестинските права, како што се одземањето на земјата, изградбата на еврејски населби, собирање данок, апсења и блокади, беа силен фактор за ерупција на овие демонстрации.
Иако Палестинците во текот на демонстрациите користеа само камења, Израел одговори со користење прекумерна сила и отворање оган врз демонстрантите, убивајќи или ранувајќи илјадници луѓе.
Израел, исто така, ја користеше озлогласената политика позната како „кршење коски“. Спроведувајќи ја одлуката на тогашниот министер за одбрана Јицак Рабин, израелските војници со палки ги кршеа екстремитетите на Палестинците што учествуваа во демонстрациите и што фрлаа камења.
Според официјалните податоци, 1.162 Палестинци, од кои 241 дете, починаа како резултат на израелските напади за време на „војната со камења“, додека околу 90.000 луѓе биле повредени.
Интифадата меѓу Израел и Палестинската ослободителна организација (ПЛО), што заврши со потпишувањето на Договорот од Осло во 1993 година, траеше шест години.
- Сведоци на политиката „кршење на коските“ -
Снимките што ги направија претставниците на медиумите, на кои се гледа како израелските војници ја променуваат политиката на „кршење коски“, кршејќи ги екстремитетите на двајца Палестинци, удирајќи ги со камења, се еден од симболите на Првата интифада. Овој инцидент, што се случи на 26 февруари 1988 година, предизвика бес кај меѓународната јавност.
Видеото покажува група израелски војници кои со камења удираат двајца Палестинци.
Новинарот на АА разговараше со еден од двајцата Палестинци, жртви на споменатиот напад, а станува збор за 49-годишниот Ваил Џуде.
„Со синот на мојот чичко Усама, кој е една година постар од мене, бевме подложени на брутален напад од израелската армија во близина на ирачкото село Ет Тајих во Наблус. Во тоа време имав 17 години. Според упатствата на Рабин за сузбивање на Интифадата, бевме изложени на политиката на кршење на коските од страна на израелската Војска“, рече Џуде.
Рече дека овој настан за него претставува медал во контекст на палестинската борба, но дека претставува срам за Израел.
„Со синот на мојот вујко одевме со стадо овци, се враќавме од планина во близина на Наблус, тука нè пресретнаа вооружени израелски војници. Нè претепаа силно со камења, мислевме дека ќе умреме. Тие не само што нè тепаа, туку и нè влечеа еден километар, а потоа нè приведоа. И денес, кога луѓето ќе се сетат на овој настан, сè уште се прашуваат како преживеавме“, раскажа Џуде.
Истакна дека иако израелските војници силно ги удирале со камења, коските не им биле скршени. „Нам дури и камењата ни се смилуваа. Не ни ги скршија коските иако бевме насилно претепани.“
- Горчливи спомени -
Хурије Авадалах, 83-годишна Палестинка, сведок на бројни злосторства извршени од Израел, особено во Првата интифада, своите сеќавања ги нарече горчливи спомени.
Таа рече дека окупаторската војска убила еден од нејзините синови за време на Интифадата и двајца браќа пред тоа. Авадалах исто така напомена дека и таа била погодена во ногата. Денес таа живее во бегалскиот камп „Ал Магази“, а 40 години работела како бабица.
Поради својата професија морала да помине низ многу потешкотии за да им помогне на жените на кои им била потребна за време на полицискиот час под израелска окупација.
„За време на Интифадата и пред тоа, окупаторските сили спроведоа истраги и апсеа Палестинци од различен пол и возраст. Жените, старите лица и децата не беа изземени од израелскиот прогон и терор“, вели Авадалах.
Авадалах нагласува дека и таа била апсена за време на Интифадата по налог на израелските воени претставници, со образложение дека ги поддржувала палестинските побуненици.
„Израелски војници ја пребаруваа мојата куќа, ме фатија за коса, ме извлекоа на главната улица и почнаа да ме удираат со палки и кундаци“, раскажува Авадалах.
Додава дека во тој момент, обидувајќи се да се спротивстави на ударите на војниците, еден од нив гризнала за прст.
„Израелските војници потоа испукаа два куршуми во моето стапало. Ја изгубив свеста“, рече Авадалах.
- Улогата на жените за време на Интифадата -
Авадалах рече дека жените во текот на Интифадата играле многу важна улога, или со директно учество, или со мобилизирање и поттикнување на младите за учество.
Наведе дека за време на Интифадата заштитила двајца млади луѓе кои ги барале израелските војници, ги скрила во својата куќа, им дала храна и не им дозволила да излезат додека не била потполно сигурна дека војниците заминале.