Ahmet Sait Akçay
25 Декември 2017•Ажурирај: 26 Декември 2017
ВАТИКАН (АА) - Папата Франциско денес повика на преговори за дводржавното решение на израелско-палестинското прашање по признавањето на Ерусалим (Кудс) како главен град на Израел, од страна на американскиот претседател Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).
Во својата традиционална порака за Божиќ, папата зборуваше за кризата на Блискиот Исток разгорена со одлуката на Трамп.
„Да се помолиме волјата за продолжување на дијалогот меѓу страните да преовлада и конечно да се постигне решение, решение кое би овозможило мирен соживот на двете држави во рамките на меѓусебно договорените и меѓународно признатите граници“, рече тој.
Обраќајќи им се на десетиците илјади присутни од балконот на базиликата Свети Петар во Рим, тој додаде: „Во децата од Блискиот Исток, кои продолжуваат да страдаат поради растечките тензии меѓу Израелците и Палестинците, го гледаме Исус“.
Неговите забелешки доаѓаат четири дена откако 128 земји ја поддржаа резолуцијата на ОН против новата политика на САД во однос на Ерусалим (Кудс).
Кратко по објавувањето на одлуката на Трамп, папата Франциско повика да се почитува статусот кво на Ерусалим (Кудс) со цел да се спречат понатамошни конфликти.
Папата се осврна и на кризата во Мјанмар и Бангладеш, каде што се засолнаа стотици илјади аракански муслимани (Рохинџа), бегајќи од насилствата на мјанмарските безбедносни сили.
Потсетувајќи на неговата неодамнешна посета на регионот, папата ја повика меѓународната заедница да обезбеди соодветна заштита на достоинството на малцинските групи присутни во регионот.
Фокусирајќи се на децата во подрачјата со судири, папата Франциско го повика светот да размисли за страдањата на децата во Сирија, Ирак, Јемен, Јужен Судан, Сомалија, Бурунди, Демократската Република Конго, Централноафриканската Република, Украина и Венецуела.
Папата во своето обраќање се осврна и на мигрантите, при што истакна: „Религијата ни наложува странците да бидат добредојдени.“