Servet Günerigök
21 Октомври 2019•Ажурирај: 21 Октомври 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Во Канада денес се одржуваат парламентарни избори кои се сметаат за своевиден плебисцит на граѓаните за политичката судбина на актуелниот премиер на земјата, Џастин Трудо, јавува Anadolu Agency (AA).
Предводени од Трудо, канадските либерали се надеваат дека ќе изборат втор по ред четиригодишен мандат, а најголеми опоненти им се прогресивните конзервативци кои ги предводи Ендрју Шир, на кого ова му се први избори на чело на партијата.
Во изминатите четири дена, правото на рано гласање го искористија 4,7 милиони гласачи, што е за 29 отсто повеќе во однос на бројот на гласачи кои ја користеа таа можност за рано гласање на изборите во 2015 година.
Либералите и конзервативците го водат главниот збор на политичката сцена на Канада од нејзината независност во 1867 година, а либералите можат да се пофалат дека за време на минатиот век по ред владееле рекордни 69 години.
Новата демократска партија (NDP), Партијата зелени, Блокот Квебек и новоформираната Народна партија се уште четири партии кои учествуваат на изборите во Канада.
Предизборните анкети предвидуваат тесна борба меѓу либералите и конзервативците. Можно сценарио е и формирање малцинска влада во Канада во случај ниту една политичка опција да не ги освои потребните 170 места во Парламентот, кој брои 338 мандати.
Лидерот на Новата демократска партија (NDP), Кахмет Синг, веќе изјави дека е подготвен да коалицира со либералите за да спречи доаѓање на конзервативците на власт.
Канада се состои од десет покраини и три региони со посебни административни статуси, а седиштето на Федералната влада е во Отава, од каде што федералниот буџет се доделува на покраините.
Канаѓаните на изборите бираат 338 пратеници во Парламентот во исто толку изборни единици. Победник е кандидатот со најмногу освоени гласови. Партиските кандидати за премиер на Канада мораат да бидат кандидати во своите изборни единици, така што е можно сценарио во кое партијата ќе освои мнозинство во Парламентот, но нејзиниот премиерски кандидат да ги изгуби изборите.
За разлика од поголемиот дел од земјите кои парламентарните избори ги одржуваат во недела, Канаѓаните веќе девет полни децении новата власт ја бираат во понеделник.