Sinan Doğan
26 Мај 2023•Ажурирај: 26 Мај 2023
БОГОТА (АА)
Конгресот на Перу ја одобри одлуката за прогласување на мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор за „персона нон грата“ во земјата, за кој тврди дека се меша во внатрешните работи на земјата, јавува Анадолу.
Одлуката беше прифатена со 65 гласа за, 40 против и два воздржани.
Причина за одлуката е „континуираното мешање во внатрешните работи на земјата, повреда на суверенитетот и непочитување на перуанскиот Устав“.
Беше соопштено дека за време на гласањето имало остра дискусија меѓу претставниците и дека резолуцијата била изгласана по долги преговори.
Конгресот на 18 февруари го прогласи колумбискиот претседател Густаво Петро за „персона нон грата“.
Мексиканскиот претседател Лопез Обрадор, изразувајќи го своето задоволство од одлуката на дневната прес-конференција одржана во Националната палата, рече:
„Ви благодарам што ме прогласивте за 'персона нон грата' бидејќи би се чувствувал лошо доколку тие претставници и госпоѓата на власт (Дина Болуарте) ми доделат награда или ми аплаудираат.“
Претходно овој месец тој ја критикуваше перуанската претседателка во Националната палата, велејќи дека поранешниот претседател Педро Кастиљо е неправедно затворен и дека Болуарте го узурпирала местото на Кастиљо.
Лопез Обрадор изјави дека Кастиљо победил на слободните и демократски избори.
Поранешниот претседател Кастиљо беше отповикан на 7 декември 2022 година под обвинение за „трајна морална некомпетентност“ од страна на Конгресот, кој го обвини за соборување на Владата.
Педро Кастиљо беше приведен по неговата одлука да го распушти Конгресот и да формира национална влада за вонредни состојби.
Подоцна потпретседателката Дина Болуарте положи заклетва како нов претседател на земјата.
Мексико не ја признава сегашната перуанска Влада како легитимна, велејќи дека Конгресот незаконски и недемократски го сменил Кастиљо.