Şahin Demir
08 Мај 2026•Ажурирај: 08 Мај 2026
Пет морнари се водат како исчезнати, а десет се повредени вчера во доцните часови по американскиот напад врз ирански карго брод во близина на Ормускиот Теснец и Оманскиот Залив, соопшти ирански претставник, јавува Анадолу.
Мухамад Радмер, гувернер на округот Минаб во јужен Иран, изјави дека цивилен товарен брод во сопственост на жители од областа Колахи во Минаб бил погоден од страна на Соединетите Американски Држави во близина на стратегискиот воден коридор, пренесува иранската новинска агенција „Мехр”.
Тој додаде дека по нападот во територијалните води на округот Минаб, на бродот избувнал пожар.
Радмер истакна дека во моментот на инцидентот, на бродот се наоѓале 15 морнари.
„Повредените морнари се пренесени во болница, додека локалните служби и спасувачките екипи работат на утврдување на судбината на преостанатите членови на екипажот“, додаде тој.
Иранскиот претставник го опиша нападот на комерцијалните бродови како знак за она што тој го нарекува „очај“ на непријателот.
Овој инцидент се случи само по неколку дена откако иранските медиуми објавија дека американските поморски сили нишанеле кон она што Вашингтон го опишува како ракетни чамци на Исламската револуционерна гарда во Ормускиот Теснец. Иранските медиуми подоцна тврдеа дека станува збор за цивилни рибарски и товарни бродови.