Ekrem Biçeroğlu,Hosni Nedim
24 Мај 2025•Ажурирај: 25 Мај 2025
ГАЗА (АА) - Петмина Палестинци, меѓу кои и две деца, се убиени во напади на израелската армија врз различни делови од Појасот Газа, известува Анадолу.
Според информациите добиени од очевидци и од локални извори, израелската армија бомбардирала палестински домови и шатори во различни делови од Газа.
Четворица Палестинци, меѓу кои и две деца, се убиени во воздушен напад на израелската армија врз куќа во градот Хан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа. Во нападот се повредени десетици Палестинци.
Израелската армија ги нападна и палестинските шатори во областа Ал-Маваси во Хан Јунис, што резултираше со голем број повредени Палестинци.
Во соопштението што го дадоа од болницата „Ал-Авда“, се наведува дека еден Палестинец го загубил животот, а голем број, вклучително и едно дете, се повредени во нападите на израелската армија врз бегалскиот камп Нусејрат и градот Ал-Завајда.
Израелската армија со беспилотни летала отвори интензивен оган и врз Џабалија и Бејт Лахија во северниот дел на Појасот Газа.
- Израелската армија презема акција за трајна окупација на Газа
По прекинот на огнот што стапи на сила на 19 јануари во Појасот Газа, израелската армија ги продолжи своите брутални напади утрото на 18 март.
Од овој датум досега во израелските нападите се убиени 3.673 Палестинци, претежно постари лица, жени и деца, а 10.341 се повредени.
Бројот на Палестинци кои се убиени во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година се зголеми на 53.822, а бројот на повредени достигна 122.382.
Израелската армија започна со спроведување на план за напад што ќе ја прошири и ќе ја направи трајна окупацијата на Појасот Газа. Премиерот Бенјамин Нетанјаху објави дека ќе го окупираат целиот Појас Газа.
Според планот, израелската армија трајно би го окупирала Појасот Газа, а Палестинците би биле депортирани во „собирни кампови“ во јужна Газа. Израел во собирните кампови ќе им обезбеди хуманитарна помош на Палестинците „колку да можат да преживеат“.
Израелските министри објавија дека планираат да уништат сè што останало недопрено во Појасот Газа и да ги протераат Палестинците прво на југ, а оттаму во други земји.