Kasım İleri
03 Февруари 2017•Ажурирај: 04 Февруари 2017
ВАШИНГТОН (АА) – Писмо со апел до претседателот Доналд Трамп упатија 22 американски сенатори, членови на Републиканската и на Демократската партија, со цел да се воведат санкции кон Иран поради тестирањето балистички проектил, како и да се обезбеди спроведување на одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБ на ОН), јавува Anadolu Agency (AA).
Во писмото што го напишаа сенаторот на сојузната американска држава Тенеси, републиканецот и претседател на комитетот за надворешни работи, Боб Коркер, и сенаторот на сојузната држава Мериленд, демократот Бенјамин Кардин, а кое беше потпишано од страна на 22 сенатори, се изразува загриженоста од тестирањето балистички проектил, кое Иран го изведе на почетокот од неделата.
„Иранските лидери треба да почувствуваат доволно притисок, за да се завршат крајно дестабилизирачките активности како што се поддршката на терористичките групи и тестирањето балистички проектили. Потребно е сегашните санкции целосно да се спроведат и да се утврдат дополнителни санкции за тестот на балистички проектили“, се вели во писмото.
Сенаторите во писмото ја изразуваат својата надеж дека меѓународната заедница обединето ќе му се спротивстави на Иран, и дека ги поддржуваат напорите на раководството во врска со барањата за одговорност од Иран.
Сенаторите во писмото ја поздравуваат одлуката на САД, кои го повикаа Советот за безбедност на ОН (СБОН) на итна седница и упатуваат апел до меѓународната заедница да го преземе лидерството во однос на спроведувањето на одлуките на СБОН во врска со Иран.
Министерството за одбрана на САД на почетокот од неделата соопшти дека Иран извел тестирање на балистички проектил со среден дострел, но поради тоа што проектилот не успеал повторно да влезе во атмосферата, бил детониран, така што обидот бил неуспешен.
Советникот на Трамп за национална безбедност, Мајкл Флин остро го предупреди Иран.