Şenhan Bolelli
26 Декември 2018•Ажурирај: 27 Декември 2018
МАДРИД (АА) - Во јужниот дел на Италија, на островот Сицилија, по Етна се активираше и вулканот Стромболи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Вулканот Стромболи, кој се наоѓа на Еолските Острови (нарекувани и Липарски Острови) во близина на островот Сицилија, повторно почна да исфрла лава и пепел.
Италијанската информативна агенција „Анса“, базирајќи се на информациите добиени од Агенцијата за цивилна заштита објави дека поради активирањето на вулканот Стромболи, нивото на предупредување во подрачјето од „зелено“ е подигнато на „жолто“ ниво.
Италијанските геолошки експерти го поврзуваат активирањето на вулканот Стромболи со експлозиите на вулканот Етна.
Од друга страна, вулканот Етна, кој веќе два дена е активен, во околината на градот Катанија за период од 24 часа предизвика 750 потреси.
Официјални претставници од Агенцијата за цивилна заштита информираа дека потресите биле со интензитет од 4,3 до 4 степени според Рихтеровата скала.
Во меѓувреме, воздушниот сообраќај, кој делумно беше прекинат на аеродромот „Фонтанароса“ во Катанија поради пепелта што вулканот Етна ја исфрлаше во околината, вратен е во нормала и повторно се започнати летовите.