Ekipa
21 Декември 2017•Ажурирај: 22 Декември 2017
РАМАЛА (АА) - Според наводите на палестинската невладина организација, над 500 Палестинци се уапсени од страна на израелските сили во последните две недели, и тоа во Источен Кудс и на Западниот Брег, територии кои Израел ги држи под окупација, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Над 500 Палестинци се приведени од избивањето на демонстрациите против одлуката на Трамп пред две недели“, велат од Здружението на палестинските затвореници (PPS).
Американскиот претседател, Доналд Трамп, на 6 декември ја објави одлуката дека го признава Ерусалим (Кудс) за главен град на Израел, што доведе до осуди од страна на меѓународната заедница и бран протести во палестинските територии.
„Апсењата се спроведени во Рамала, Витлеем, Хеброн, Наблус, Џенин, Тулкарм, Калкилија, градови на Западниот Брег и Источен Кудс“, велат од Здружението на палестински затвореници.
Се додава дека меѓу уапсените има 153 малолетни лица и 11 жени. Израелската војска често спроведува опсежни кампањи за апсење на Западниот Брег под изговор дека ги бараат Палестинците од потерниците.
Според официјалните палестински проценки, повеќе од 6.400 Палестинци во моментот се наоѓаат во затворските објекти ширум Израел.