свет

Повеќе лица се повредени при случајно испуштање бомби од јужнокорејски воени авиони

Воздухопловните сили на Јужна Кореја најавија истрага за инцидентот и се извинија за нанесената штета врз цивилите, ветувајќи дека ќе биде обезбедена компензација

Berk Kutay Gökmen  | 06.03.2025 - Обновена : 06.03.2025
Повеќе лица се повредени при случајно испуштање бомби од јужнокорејски воени авиони

ИСТАНБУЛ (АА) – Седум лица, меѓу кои две потешко, се повредени денес кога два воени авиона на Јужна Кореја случајно испуштиле осум бомби надвор од тренинг-зоната за време на воена вежба, соопштија официјални лица, јавува Анадолу.

Властите добиле извештај во 10 часот по локално време дека сомнителен проектил паднал на пат во близина на куќа во Почеон, град што се наоѓа 40 километри северно од главниот град Сеул, при што биле повредени седум лица и оштетени седум згради, пренесува Јонхап њуз.

Противпожарните служби соопштија дека две лица се здобиле со сериозни повреди, а другите повреди главно се фрактури на коски. Повредените се пренесени во болница на лекување.

Според воените власти, борбените авиони КФ-16, кои учествувале во воена вежба со употреба на вистинска муниција, случајно испуштиле по четири MK-82 бомби надвор од означената тренинг-зона во Почеон.

Воздухопловните сили на Јужна Кореја најавија истрага за инцидентот и се извинија за нанесената штета врз цивилите, ветувајќи дека ќе биде обезбедена компензација.

„Жалиме за цивилната штета предизвикана од овој несреќен инцидент со абнормално испуштање на бомби и им посакуваме брзо закрепнување на повредените“, се наведува во соопштението на војската.

Претходно во текот на денот Јужна Кореја и САД спроведоа заедничка воена вежба на 25 километри јужно од меѓукорејската граница, во која беа распоредени над 160 парчиња воена опрема.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.