Hakan Çopur
07 Јануари 2016•Ажурирај: 07 Јануари 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Барак Обама телефонски разговарал со јужнокореанската претседателка Парк Геун-хе и јапонскиот премиер Шинзо Абе и им дал гаранција дека САД ќе ја штити нивната безбедност во случај на било какви закани, откако власта во Северна Кореја објави дека успешно тестирала разорна хидрогенска бомба, јавува Anadolu Agency (AA).
Во пишаното соопштение од Белата куќа се наведува дека претседателот Обама истакнал дека САД имаат обврска да се грижат за безбедноста на Јужна Кореја и Јапонија наспроти заканите кои доаѓаат од Пјонгјанг.
"Во текот на разговорот на американскиот претседател Обама со лидерите на Јужна Кореја и Јапонија, постигната е согласност за неопходноста од заеднички и силен одговор на меѓународната заедница на неодговорното однесување на власта на Северна Кореја", се наведува во соопштението.
Паралелно со тоа, и американскиот државен секретар Џон Кери телефонски разговарал со јапонскиот колега Фумио Кишида и му порачал дека САД решително ќе ги брани безбедноста и интересите на Јапонија.
Властите на Северна Кореја вчера соопштија дека во 10 часот по локално време успешно тестирале хидрогенска бомба. Сеизмолошките центри во регионот во тој период регистрирале земјотрес со јачина од 5,1 степен по Рихтеровата скала, но стручњаците не се согласуваат дека подземно тестирање на хидрогенска бомба би можело да биде негов предизвикувач. Всушност, експертите тврдат дека таквото тестирање би предизвикало значително посилно затреперување на тлото.
Тврдењата на Пјонгјанг за тестирањето на хидрогенска бомба, која е неколкупати поразорна од класичната атомска бомба, наидоа на остри критики од меѓународната заедница, вклучувајќи ја и Кина, како еден од ретките сојузници на Пјонгјанг.