Barry Ellsworth
08 Септември 2023•Ажурирај: 10 Септември 2023
ТРЕНТОН (АА) - Канадскиот владин оддел Природни ресурси Канада предупреди дека шумските пожари ќе продолжат да беснеат низ целата земја, и дека моментално активни над 1.000 пожари, јавува Анадолу.
Од 1.052 пожари низ Канада, 791 не можат да се стават под контрола, соопштија властите.
На прес-конференција, федералната влада истакна дека поради шумските пожари издадени се 284 наредби за евакуација, а 232.209 Канаѓани морале да ги напуштат своите домови.
Некои заминаа дури 1.800 километри за да стигнат на безбедно, како што беше случајот минатиот месец за околу 20.000 жители кога Јелоунајф, главниот град на Северозападните територии, беше евакуиран, станувајќи град на духови.
До средата, изгореа рекордни 16,5 милиони хектари површини. Сезоната на пожари трае приближно од април до крајот на септември.
Тоа го урна и стариот рекорд од 7,6 милиони хектари што изгореа во 1989 година. Експертите предвидоа дека пожарите ќе продолжат уште некое време.
„Во септември, најновите проекции покажуваат дека постои потенцијал за зголемена активност на пожари во дивината низ централна Канада, од источна Алберта до централниот дел на Онтарио“, изјави Мајкл Мартин, генерален директор на Природни ресурси Канада, објави Си-ти-ви њуз.
„5.821 канадски пожарникари и 4.990 меѓународни пожарникари досега се бореа со огнената стихија“, соопшти Мајкл Нортон од Природни ресурси Канада. Од јули загинале четворица пожарникари.
Претходно во текот на летото, федералната влада ја објави новата Програма за борба и справување со шумски пожари и промената на климата, која ќе биде финансирана со 28 милиони канадски долари во текот на пет години и ќе се користи за финансирање на дополнителни 1.000 пожарникари во заедниците, што ќе ги вклучи и познавањата на домородните заедници за справување со пожари.