Enes Canlı
01 Април 2024•Ажурирај: 02 Април 2024
АЛ КУДС (АА) - Повеќе од 100.000 луѓе вчера учествуваа во масовните протести во Израел против Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, известува Анадолу.
Во Западен Ал Кудс (Ерусалим) демонстрантите го блокираа сообраќајот на автопатот, запалија оган и се судрија со полицијата.
На протестите граѓаните побараа од Владата да постигне договор со Хамас за ослободување на израелските заложници во Појасот Газа.

Најголем број демонстранти се собраа на протестот во Ал Кудс, каде што се наоѓа израелскиот Парламент. Семејствата на заложниците Израелци и повеќе од 100.000 луѓе со барање за оставка на Нетанјаху се собраа на патиштата и плоштадите околу израелскиот Парламент.
Насобраните извикуваа слогани „Владата е виновна“, „Веднаш сакаме размена на заробеници“ и „Избори сега“ и побараа оставка на Владата.
Некои граѓани пешки дојдоа до патот Бегин, главната сообраќајница, каде што го блокираа сообраќајот и запалија оган на автопатот.
Израелската полиција интервенираше против демонстрантите со смрдлива вода.

Илјадници луѓе учествуваа во протестите што се одржаа на десетици локации, вклучително и градовите Тел Авив, Цезареја, каде што се наоѓа личната резиденција на Нетанјаху, како и во градот Кфар Сава на северот од земјата.
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, претходно истиот ден изјави дека барањата за предвремени избори изнесени во текот на неодамнешните протести низ земјата би го парализирале Израел.
Илјадници луѓе протестираа и во саботата низ цел Израел против актуелната Влада предводена од Нетанјаху, барајќи постигнување договор за размена на заробеници со палестинската група Хамас.

Поголем дел од Појасот Газа е уништен откако Израел, обвинет за геноцид, започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Во овие напади досега се убиени околу 32.782 Палестинци, вклучително најмалку 14.280 деца и 9.340 жени, а повеќе од 75.298 се повредени во услови на масовно уништување и недостиг на неопходни средства за опстанок.

Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Меѓународниот суд на правдата (МСП) назначи и дополнителни привремени мерки, вклучително и „непречено давање“ помош во Појасот Газа, во рамките на постапката за геноцид што е во тек против Израел на барање на Јужноафриканската Република.
