Ekip
04 Јануари 2022•Ажурирај: 05 Јануари 2022
РАМАЛА
Десетина илјади млади луѓе од арапскиот свет го поминуваат своето слободно време читајќи и снимајќи книги за слепите лица и лицата со слаб вид, на кои тоа им е единствен прозорец кон светот.
По завршувањето на своето осумчасовно работно време, Духа Муади брза кон својата куќа во Рамала, за да започне со својата добротворна работа, снимање книги за слепите лица.
„Го сакам чувството да сум очи на другите лица. Низ ова волонтирање чувствувам дека му се заблагодарувам на Бога, кој ми даде вид, тоа е голем благослов“, рече Духа за Агенција Анадолија (АА).
Духа Муади, која од 2014 година е волонтерка во иницијативата „Rain“, месечно снима околу 200 страници од неколку книги.
„Многу е скапоцен моментот кога иницијативата прима повратна информација од луѓето што ги слушаат нашите гласови, кога сфаќаме дека нашите очи и гласови ги осветлуваат нивните животи“, рече Муади.
Иницијативата е започната во 2013 година во Јордан и проширена е во 15 арапски земји. Повеќе од 30.000 волонтери се вклучиле во акцијата, а повеќе од 700 слепи лица се поддржани со иницијативата да ги завршат студиите, да стекнат дипломи и мастер титула.
Иницијативата „Rain“ ја основала Нур Аџлуни, која имала 19 години кога со своите пријатели почнала да ја дели страста кон читањето. Една од нив била слепа девојка.
„Поделивме страници од роман и ги снимивме за нашата пријателка Батол. Откако ги преслуша, ни раскажа за тешкотиите со академските книги“, рече Аџлуни за АА.
Таа и нејзините пријатели станале свесни за недостигот на академски наставен план и програма што се достапни на Брајовата азбука.
Како резултат на тоа, Аџлуни основаше групата на Фејсбук, ја објасни идејата на иницијативата и побара волонтери од неколку подрачја на арапскиот свет.
По објавите ги распоредувала улогите помеѓу волонтерите, кои на своите мобилни телефони снимале разни видови книги, а поголемиот број биле академски.
„Работиме на тоа да ги поддржиме, било со снимање на книги, со печатење, за да бидат достапни за читање на Брајовата азбука или помагајќи им на лицата во текот на нивните курсеви и испити“, рече Аџлуни.
Задоволната и горда Аџлуни заедно со својот тим продолжува да ја предводи иницијативата што има за цел да направи промена во светот.
Според статистиките на иницијативата „Rain“ од 2021 година, благодарение на 2.055 волонтери низ арапскиот свет, снимени се околу 201.025 страници од книги, а испечатени се 204.899.
Аџлуни и денес се присетува кога пред пет години ѝ заѕвонил телефонот и ја побарал млад Јорданец по име Хамза.
„Топло ми се заблагодари и рече дека е на пат кон факултет. Рече дека благодарение на иницијативата може да го продолжи образованието“, се присети Аџлуни, гордо набројувајќи многу лица што ги поддржувале до крајот на студирањето.
„Денес, по толку време, го славиме дипломирањето на Хамза“, додаде таа.
Нејзината иницијатива неодамна добила финансиска награда од Европска Унија (ЕУ), и со своите хонорари што се користени за развој на иницијативата го отворила кафулето „Rain“ во Јордан.