Ekip
04 Јануари 2022•Ажурирај: 05 Јануари 2022
БРИСЕЛ
Министрите за надворешни работи на НАТО во петок ќе одржат вонреден состанок за да дискутираат за военото засилување на Русија и безбедноста на Европа, соопшти воениот блок, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Министрите за надворешни работи на НАТО ќе дискутираат за военото засилување во и околу Украина и за пошироките европски безбедносни прашања“, се вели во соопштението на НАТО.
„Високите дипломати ќе одржат видеоконференција со која ќе претседава генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.“
Вонредниот состанок доаѓа во пресрет на низата клучни дипломатски настани меѓу меѓународните партнери и Русија.
Од 9 до 10 јануари делегациите на САД и Русија предводени од заменик-државниот секретар на САД, Венди Шерман, и рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, ќе се сретнат во Женева.
На 12 јануари, Советот НАТО - Русија ќе се состане за прв пат откако НАТО во 2014 година ја суспендираше сета практична соработка со Москва поради воената интервенција на Русија во Украина.
На 13 јануари руските власти ќе разговараат со претставници на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Минатата година беше обележана со високи тензии меѓу НАТО и Русија поради обвинувањата за шпионирање и континуираното воено засилување на Москва во и околу Украина.
Со цел да се нормализираат односите, Русија минатиот месец им предаде два нацрт-договори за европските безбедносни гаранции на САД и НАТО.