Burç Eruygur
29 Декември 2022•Ажурирај: 30 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Главниот советник на украинскиот претседател Владимир Зеленски, Михајло Подољак, денеска изјави дека Русија лансирала над 120 проектили врз Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Над 120 проектили над Украина се лансирани од „злобниот руски свет“ за уништување на критичната инфраструктура и масовно убивање цивили. Очекуваме дополнителни предлози од „мировниците“ за „мирно решение“, „безбедносни гаранции за Русија“ и непожелност на провокации“, напиша Подољак на Твитер.
Во меѓувреме, локалните власти во главниот град Киев и градовите Одеса, Лавов, Харков, Житомир, Миколаив и Криви Рих пријавија експлозии.
„Неколку експлозии во главниот град. Во Киев може да дојде до прекин на електричната енергија. Наполнете ги телефоните и другите уреди. Складирајте вода“, напиша градоначалникот на Киве, Виталиј Кличко, на својот профил на Телеграм.
Кличко, исто така, истакна дека досега се хоспитализирани тројца цивили, додавајќи дека спасувачите продолжуваат со операциите за пребарување и спасување и дека 40 отсто од градот во моментов е без електрична енергија.
Гувернерот на Харков, Олех Синјехубов, преку Телеграм соопшти дека критичната инфраструктура е цел на руските напади и изнесе детали за обемот на уништувањето и жртвите.
„Лансирање ракети од бродови и авиони од Црното Море. Ние сме во засолништа. Имаме залихи на храна, вода и сѐ што е потребно“, соопшти преку Телеграм Олександр Вилкул, шеф на Воената управа во централниот град Криви Рих.
Одделно, украинскиот пратеник Олексеј Гончаренко истакна дека има оштетувања на енергетската инфраструктура во Одеса, поради што настанале и се пријавени прекини на струјата во регионот.
„Силите за воздушна одбрана соборија дел од ракетите лансирани од непријателот во областа Лавов. Постои закана од повторени напади. Не го напуштајте засолништето“, рече гувернерот на Лавов, Максим Козицки.
Исто така, гувернерот на Миколаев, Виталиј Ким и гувернерот на Житомир, Виталиј Бунечко, преку Телеграм истакнаа дека ракети биле соборени над нивните соодветни региони.
Предупредување за воздушни напади поради можноста од руски напади низ земјата се огласи претходно во текот на денот.
Речиси секојдневно се огласуваат предупредувања за воздушни напади во Украина од ракетни и беспилотни летала, чија цел е цивилната и енергетската инфраструктура на земјата. Ваквите напади драматично се зголемија откако експлозијата во октомври го оштети клучниот Керченски Мост до полуостровот Крим.