Zehra Ulucak
25 Март 2019•Ажурирај: 26 Март 2019
ЕСКОНДИДО (АА) – На паркингот на џамија во американската сојузна држава Калифорнија, во која синоќа избувна пожар, пронајдени се белешки кои алудираат на терористичкиот напад врз двете џамии на 15 март во Нов Зеланд, преенсува Anadolu Agency (AA).
Крис Лик, началникот на полицијата на градот Ескондидо, истакна дека на паркингот на џамијата, во која изби пожар, за кој се претпоставува дека е подметнат, е пронајдена белешка која укажува на терористичкиот напад на двете џамии во Крајстчрч, Нов Зеланд, во којшто 50 лица ги загубија своите животи, а исто толку се повредени.
Началникот Лик, не споделувајќи информации за содржината на белешката, рече дека на местото на настанот е започната истрага.
Тој истакна дека се испитуваат можностите дали настанатиот пожар во џамијата, која се наоѓа на 48 километри од градот Сан Диего, е подметнат намерно и дали се работи за злосторство од омраза.
„Ако пожарот е подметнат најверојатно се работи за злосторство поттикнато од омраза“, рече Лик.
Тој, исто така, изјави дека членовите на Исламскиот центар во Ескондидо пред да пристигне противпожарната екипа успеале да го изгаснат и дека за време на избувнатиот пожар 7 лица се наоѓале внатре.
Истакнувајќи дека никој не бил повреден, соопшти дека пожарот предизвикал помала штета на надворешноста на зградата.
Лик апелираше до граѓаните да ја повикаат полицијата, особено ако забележат одредена сомнителна ситуација околу џамиите.
Полицијата сè уште нема осомничени лица поврзани со инцидентот.