Erbil Başay
30 Јули 2022•Ажурирај: 31 Јули 2022
БЕРЛИН (АА) - Голем шумски пожар беснее во германскиот регион на границата со Чешка, а во борбата за гаснење на огнената стихија повредени се четворица германски пожарникари, известува Агенција Анадолија (АА).
Пожарот зафати површина од 150 хектари на територијата на Германија во регионот Саксонска Швајцарија-Источни Рудни Планини, што се наоѓа во сојузната покраина Саксонија. Во гаснењето на пожарот ангажирани се 350 пожарникари со 66 противпожарни возила.
Во гаснењето на пожарот се вклучени и 13 противпожарни хеликоптери, а повредените пожарникари се згрижени во болница и се вон животна опасност.
Денес во тој регион почнало да паѓа дожд кој е сојузник на пожарникарите во борбата против пожарот, но метеоролозите предупредуваат дека врнежите нема да бидат доволни за да се изгасне пожарот.
Станува збор за пожар што избувна во националниот парк во соседна Чешка, а потоа се прошири и на пограничната зона во регионот на Германија.
Надлежните власти го повикаа локалното население во пограничните места Бад Шандау и Зебниц да бидат внимателни, а туристите ги повикаа да не го посетуваат тој регион додека беснее пожарот.