Ahmet Gençtürk
27 Јануари 2023•Ажурирај: 28 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Полска се согласи да испрати уште 60 тенка во Украина, покрај 14-те тенка „Леопард 2“ од германско производство што веќе најави дека ќе ги испрати, објави полскиот премиер Матеуш Моравјецки, јавува Агенција Анадолија (АА).
Истакнувајќи дека Полска е првата држава што обезбедила 250 борбени тенкови на Украина пред околу половина година, Моравјецки, за време на неговото интервју за канадската телевизиска мрежа „Си-ти-ви“ (CTV), рече дека му е драго што Варшава успеала да ги убеди своите сојузници поактивно да го поддржат Киев.
Тој истакна дека 30 од 60-те тенка што Полска ќе ги испорача ќе бидат тенкови ПТ-91, ажурирана верзија на тенкот Т-72 од руско производство со локални и западни компоненти.
„И ако не сакаме Украина да биде поразена, треба да бидеме многу отворени и храбри во поддршката на Украина“, рече тој, тврдејќи дека поразот на Украина ќе значи пораз на целиот слободен свет.
САД во средата објавија дека ќе испратат тенкови „Абрамс“ во Украина, додека Германија, Канада, Шпанија и Норвешка рекоа дека исто така ќе ја снабдат со тенкови „Леопард 2“.
Украина веќе некое време врши притисок за добивање тенкови, заедно со друго оружје, тврдејќи дека тие се потребни за да се спротивстави на очекуваната руска офанзива оваа пролет.