Ekipa
06 Октомври 2016•Ажурирај: 07 Октомври 2016
ВАРШАВА (AA) - Полскиот Парламент денес со големо мнозинство го отфрли предлогот на законот со кој во потполност би се забранил абортусот во таа земја, дури и во исклучителни ситуации како болести или силување, пренесува Anadolu Agency (AA).
Против предлогот на законот гласаа 352 пратеника, а „за“ гласаа 58-мина, додека 18 беа воздржани.
Контроверзниот законски предлог за заострување на законот што го регулира правото на жената на абортус, го иницираше граѓанското здружение „Стоп за абортусот“. Оваа иницијатива собра 450.000 потписи како поддршка на забрана за абортусот, но предизвика и масовни протести на жени кои во понеделникот се појавија на улиците на Варшава во црнина.
Претходно многу членови од владејачката Конзервативна партија на законот и правдата го поддржаа овој предлог. Пред две недели, повеќето пратеници во полскиот Парламент гласаа дека ќе го разгледаат предлогот, проследувајќи го до комисијата за понатамошно разгледување.
Во случај законот да е усвоен, по неговото стапување во сила, на лекарите, како и на жените кои не би ја почитувале забраната за абортус би им била одредена повеќегодишна затворска казна.
Моментално, кршењето на законот за абортус во Полска се казнува со двегодишна затворска казна.