Muhammed Emin Canik
30 Мај 2022•Ажурирај: 31 Мај 2022
БУЕНОС АИРЕС (АА) - Обилните врнежи од дожд во различни региони на бразилската држава Пернамбуко предизвикаа поплави и свлечишта во кои животот го загубија 84 лица, известува Агенција Анадолија (АА).
Пауло Камара, гувернер на државата Пернамбуко, одржа прес-конференција на која информираше дека во ова бразилка држава загинале 84 лица, од кои 79 во последните три дена, во поплави и свлечишта предизвикани од поројните врнежи од дожд.
Наведувајќи дека не може точно да се утврди бројот на жртвите, за кој претходно беше соопштен дека изнесува 56, гувернерот Камара изјави дека продолжуваат активносите за пребарување и спасување.
Посочувајќи дека спасувачките екипи продолжуваат со своите операции, особено во 12-те региони каде ситуацијата е критична, Камара истакна: „Знаеме дека овие први часови се многу важни. Сега е време да се дејствува ефективно. Се сретнав со сите градоначалници за да подготвиме план за работа“.
Камара соопшти дека се доделени 100 милиони бразилски реали (21 милион долари) за активности како што се пребарување и спасување и за инфраструктурата во областите погодени од поројните дождови.
Во 14 градови во бразилската држава Пернамбуко е воведена вонредна состојба поради поројните дождови кои се активни од почетокот на минатата неделата.
Властите соопштија дека се евакуирани околу 4.000 луѓе поради поројните врнежи од дожд.