Muhammed Emin Canik
11 Октомври 2021•Ажурирај: 12 Октомври 2021
БУЕНОС АИРЕС (АА) - Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, не можеше да влезе на стадионот за да следи фудбалски натпревар, бидејќи не е вакциниран против новиот вид на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Болсонаро кој бил на одмор во Сао Паоло, беше спречен да го гледа натпреварот Сантос-Гремио, бидејќи 66-годишникот не ги почитувал здравствените прописи преземени како дел од мерките против Ковид-19.
„Зошто вакцинален пасош? Сакав да го гледам натпреварот на Сантос, но тие велат дека мора да бидам вакциниран. Зошто е тоа?“, изјави Болсонаро за новинарите.
„Имам повеќе антитела од оние кои ја примиле вакцината“, порача тој.
Во Бразил, навивачите треба да се вакцинираат против Ковид-19 или да поднесат негативен ПЦР тест за да влезат на стадионите.
Сантос го победи Гремио со резултат 1: 0 во натпреварот од бразилската Серија А на стадионот „Урбано Калдеира“ во Сантос, Сао Паоло.
Во Бразил од коронавирусот починаа најмалку 600.000 луѓе.